Тренерот на Перистери, Василис Спанулис беше исклучен од денешниот натпревар против Фалко Сомбатели во ФИБА Лигата на шампионите поради две технички грешки во последната четвртина.
На шест минути пред крајот на мечот дојде до кавга меѓу него и човек од записничката маса за кого Спанулис на прес-конференцијата изјави дека го опцул.
„Повеќе од 20 години сум во професионалната кошарка и никогаш во животот не ми се случило човек од записничката маса, кој е дел од натпреварот, да ми каже ‘е.. се’. Ова е срамота, прво за него, потоа за кошарката и на крајот за клубот Фалко во кој работат прекрасни личности и има одличен тренер.
Му реков да ми даде тајмаут ако примиме кош, а тој ми даде без да погоди Фалко затоа што ние направивме лична грешка. Го прашав зошто го направи тоа, а тој ми одговори ‘е.. се’. Уште еднаш ќе повторам, никогаш порано не ми се случило ова“, грмеше Спанулис на прес-конференцијата.
Официјалното лице од Фалко кое беше преведувач на средбата му се извини во името на клубот и вети интерна истрага за случајот на што грчката легенда се заблагодари. Перистери и без својот тренер на клупата, славеше со 90-87.