(ВИДЕО) Таварес побара од новинарите да му се извинат на Чус Матео, тренерот се расплака

0Shares
0 0

Најкорисниот играч на завршниот турнир од Евролигата, Валтер Таварес му даде силна поддршка на својот тренер Чус Матео на прес-конференцијата по синоќешното финале против Олимпијакос.

Центарот од Зеленортските Острови буквално ги искара новинарите за недовербата што ја искажаа кон предводникот на Реал во текот на целата сезона и предизвика силни емоции кај Матео.

„Ова го заслужи тренерот Матео. Вие новинарите треба да му се извините, имаше многу критики и сомнежи кон него. Постојано истакнувавте тренери на други екипи, но никогаш него лично, туку Реал како клуб. Тој е наш шеф и поради тоа треба постојано да се спомнува неговото име – секогаш. Мислам дека сите заслуги одат кон него, да не беше тој, немаше да бидеме овде.

Тренерот Матео е една од најдобрите личности што сум ги запознал во животот и медиумите треба да покажат повеќе почитување. Успеа да излезе на крај со нашата екипа во која има повеќе ‘алфа мажјаци’“, рече, меѓу другото, Таварес, а тренерот кој седеше до него се расплака.

Матео беше изненадувачки избор на менаџментот на Реал кога минатото лето беше раскинат договорот со Пабло Ласо поради неговите здравствени проблеми. Мадридскиот тим се соочи со низа проблеми во текот на сезоната, како во домашното првенство, така и во Евролигата, но успеа да се крене од бездната и да покаже карактер, како во дуелите со Партизан, така и на натпреварите на завршниот турнир на кои настапи без тројца исклучитечно важни кошаркари.

Освен што ќе остане запишан како освојувач на 11. титула на Реал во Евролигата, Матео ќе биде запаметен по тоа што три пати во низа во една плејоф серија го победи Жељко Обрадовиќ, што не се случило во историјата, како и по тоа што го однесе својот тим на Ф4 по негатива од 0-2 во четвртфиналето.

0Shares
0 0