Денвер Нагетс го претрпе четвртиот пораз во сезоната откако загуби на гостувањето кај Кливленд со 109-121.
Кавалирс брзо ја презедоа иницијативата и го диктираа резултатот, во втората четвртина направија висока предност и ја одржуваа до крајот. Во последната четвртина беше и 24 поени разлика, а само поради три тројки во финишот Денвер успеа да се избори за поднослив пораз.
Интересен беше настапот на Никола Јокиќ кој натпреварот го заврши со дабл дабл од 18 поени и 10 скока, плус 7 асистенции. Аналитичарите се едногласни дека ова беше лош меч за српскиот репрезентативец иако му недостасуваа само три асистенции за трипл дабл и со релативно добар шут од игра (8/13). За слична статистика, други кошаркари добиваат комплименти, но не и Јокиќ кој ја навикна јавноста на далеку подобри бројки во неговата кариера.
Пад во формата на Денвер можеше да се очекува поради отсуството на втората голема ѕвезда во тимот Џамал Мареј. Целиот товар во екипата паѓа на Јокиќ, а кога тој не постигнува 30+ поени, доаѓаат проблемите. Најефикасен кај Денвер синоќа беше Портер со 21 поен, а Кливленд го имаше првиот стрелец на мечот, Гарланд со 26 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Бруклин – Филаделфија 99-121
Торонто – Детроит 142-113
Индијана – Орландо 116-128
Кливленд – Денвер 121-109
Далас – Сакраменто 113-129
Јута – Феникс 137-140
Мемфис – Бостон 100-102
Портланд – Оклахома 91-134
ЛА Лејкерс – Хјустон 105-104