(ВИДЕО) Трипл дабл на фантастичниот Јокиќ, „метла“ за Лејкерс

0Shares
0 0

Денвер Нагетс е првиот учесник во големото финале од НБА лигата откако во само четири натпревари го елиминира Лос Анџелес Лејкерс.

Четвртата победа ја оствари утринава, како гостин со 113-111 и првпат во историјата на франшизата ќе се бори за шампионската титула. Апсолутно најзаслужен за победата беше Никола Јокиќ кој дојде до третиот трипл дабл во оваа серија со што уште еднаш покажа дека му нема рамен во НБА лигата во моментов.

Србинот го постигна кошот за водство од 113-111 што подоцна се покажа како кош за победа иако тој погоди на 52 секунди пред крајот на мечот. Претходно, на безмалку три минути пред крајот, реализира исклучително важна тројка, на една нога, преку Ентони Дејвис, пред истекот на нападот со која Денвер поведе со 110-104. Сепак, клучна беше третата четвртина која Денвер ја доби со 36-16 и ја анулира негативата од 15 разлика која ја имаа домаќините по првото полувреме (73-58).

Јокиќ постигна 30 поени, 14 скока и 13 асистенции, а и целата серија против Лејкерс ја заврши со трипл дабл просек: 27,8 поени, 14,5 скока и 11,8 асистенции. Покрај него се истакнаа и Мареј со 25 и Гордон со 22 поена. На крајот, српскиот ас беше прогласен за МВП на Западната конференција, а нема сомнение дека ќе го добие тоа признание и ако Денвер ја освои титулата во НБА.

На спротивната страна блескаше Леброн Џејмс кој на 38 години, на клупата помина само четири секунди и реализира 40 поени, 10 скока и 9 асистенции. Дабл дабл имаше и Дејвис, со 21 поен и 14 скока, но сето тоа беше недоволно за барем една победа на Лејкерс. „Метлата“ од Денвер фрли сенка на одличната пост-сезона и воопшто последните три месеци за тимот од Лос Анџелес кој од загубена ситуација дојде во позиција да се бори за место во финалето од НБА лигата. Освен што првпат ќе игра во серијата за титулата, Денвер и првпат во историјата го елиминира Лејкерс во плејоф по поразите во 1985, 2009 и 2020 година.

0Shares
0 0