Денвер Нагетс експресно го врати брејкот на Мајами и повторно поведе во финалната серија од НБА лигата, по триумфот во третиот натпревар со 109-94.
Она што го анализираше Стив Кер по вториот меч, очигледно го разбрал и тренерот на Денвер, Мајк Мелоун, па Никола Јокиќ ја доби потребната поддршка од соиграчите и резултатот не можеше да изостане. Пред се, тоа се однесуваше на Џамал Мареј кој беше најефикасен на овој натпревар и не дозволи да биде критикуван како пред три дена.
Се разбира, на прво место беше Јокиќ кој се врати на својата стара игра, го полнеше противничкиот кош, но и ги разигра останатите кошаркари на Денвер, а уште во првата четвртина постигна 10 поени, 7 скока и 3 асистенции. Тој период заврши нерешено, но веќе од вториот, гостите почнаа да доминираат, за отпорот на противникот да сго скршат во третиот во кој поведоа и со 19 поени разлика (82-63). До крајот на мечот, Денвер само еднаш се симна на двоцифрена негатива и тоа во завршните моменти.

Двајца кошаркари на гостинскиот тим остварија трипл дабл што ретко се гледа во финална серија од НБА лигата, но двајцата станаа прв тандем во историјата со трипл дабл со 30+ поени. Мареј беше најефикасен со 34 поени, 10 скока и 10 асистенции, а Јокиќ стигна до 32 поена, 21 скок и 10 асистенции. Џими Батлер беше прв стрелец кај Мајами со 28 поени.
Со оваа победа, Денвер го скрати ентузијазмот кај Мајами чии кошаркари по победата во неделата, беа сигурни дека стануваат фаворити за титулата. Нагетс повторно ја имаат предноста на домашен терен, а ќе се обидат дома да се вратат со предност од 3-1, по четвртиот меч кој се игра в сабота наутро, во 2:30 часот по средноевропско време.