Легендарниот македонски кошаркар Владо Илиевски е блиску до камбек во Кошаркарскиот клуб Олимпија, но сега на друга позиција.
Словенечките медиуми тврдат дека тој ќе биде нов спортски директор на клубот, како замена за Сани Бечировиќ кој се пресели во Панатинаикос. Со тоа, Илиевски би се врати во гигантот каде како играч помина вкупно пет сезони во својата кариера, во три „мандати“, почнувајќи од 2001 година.
Претходните четири сезони, Илиевски ги помина како претседател на Кошаркарскиот клуб Илирија кој, меѓу другото, успеа да го внесе во Првата лига, но и да го однесе на меѓународна сцена, преку Алпе Адрија купот. По завршувањето на играчката кариера, струмичанецот живее во Љубљана и е многу добро познат на тамошната кошаркарска и спортска јавност.
Ако биде промовиран во нов спортски директор, Илиевски ќе работи со италијанскиот стручњак Симоне Пјаниџани кој во новата сезона ќе ја предводи Олимпија. Двајцата соработуваа една сезона (2007/08) во тимот на Монтепаски Сиена кој во тој период беше доминантна сила во италијанската кошарка и освоија шампионска титула во домашното првенство. Пјаниџани ќе биде прв тренер во историјата на Олимпија кој не потекнува од просторите на поранешна Југославија, а заедно со Илиевски ќе имаат задача да го вратат клубот на шампионските патеки и да се борат за титулата во АБА лигата.
Пред Олимпија е бурно лето во кое екипата ќе мора соодветно да се засили за да ги исполни амбициите. Се шпекулира дека ќе се вратат тројцата позајмени кошаркари: Саша Циани, Лука Шчука и Грегор Глас, а под договор се и Радовиќ, Гњидиќ, Матковиќ, Алибеговиќ, Муриќ, Драгиќ и Омиќ. Најважна ставка ќе биде странските играчи, како оние кои сега го носат дресот на тимот, така и планираните засилувања.