Иако на почетокот на летото потпиша договор со Бреоган, повремениот словенечки репрезентативец Жан Марк Шишко неочекувано одлучи да ја заврши кариерата, на само 26-годишна возраст.
Својата одлука ја објави преку соооштение во кое ги објасни причините за ваквиот неочекуван потег.
„Откако ми требаше долго време да се вратам на терените по едногодишната пазуа, работите не одеа како што се надевав и планирав. Затоа морам да донесам тешка одлука да ја завршам играчката кариера и да почнам ново поглавје во животот“, соопшти Шишко.
Тој ѝ стана познат на македонската кошаркарска јавност во 2019 година кога го носеше дресот на тогашната словенечка сензација Приморска и беше еден од најзаслужните што оваа екипа го победи МЗТ Скопје во финалето од АБА 2 лигата со 3-0. На трите натпревари, Шишко оствари вкупно 27 асистенции што беше и негов заштитен знак. Следната сезона постави рекорд на АБА лигата со 19 асистенции, во мечот против Задар што и натаму е најдобро остварување во оваа статистичка категорија. По заминувањето од Приморска, Шишко играше за Баерн со кој го освои Купот на Германија.