Американецот Треј Верц е второто засилување за ТФТ Моцарт во пресрет на новата сезона и тој е единствен клуб во земјава што може да се пофали со двајца нови кошаркари.
Верц е висок 196 сантиметри, може да ги покрие двете бековски позиции, а во ТФТ Моцарт доаѓа од престижниот универзитет Нотр Дам кој се натпреварува во АЦЦ дивизијата (Atlantic Coast Conference), една од најсилните во НЦАА лигата. Интересно е тоа што минатиот месец беше на кампот на Шарлот Хорнетс, како дел од НБА драфт пробите.
Последната сезона, Верц ја заврши со просек од 8,5 поени, 3,3 асистенции и 2,9 скока, но позитивно е тоа што е во полн натпреварувачки ритам бидејќи одигра 31 меч во НЦАА.
Со ТФТ, Американецот потпиша договор на 1+1 година и се очекува да биде големо засилување во новата сезона во која клубот од Тафталиџе повторно ќе се бори на најмалку три фронта: АБА 2 лигата, домашното првенство и Купот на Македонија.