По неколкугодишно отсуство од системот на натпреварување во македонската кошарка, клубот Водњански лисици се реактивира и во новата сезона повторно ќе биде на сцена.
Идеен творец на проектот е македонската репрезентативка Едина Муса, а во стручниот штаб ќе има три исклучително познати имиња. За шеф на стручниот штаб е поставен легендарниот Влатко Владичевски, додека негови асистенти ќе бидат Дарко Здравковски и Ристе Стефанов. Меѓу помагателите на Водњански лисици ќе биде и Македонскиот олимписки комитет чиј претседател Даниел Димевски најави дека ќе се обиде да асистира колку е можно повеќе.
„Денес се собравме по повод реактивирањето на една убава спортска приказна, на еден клуб со традиција, едно големо спортско семејство кое датира уште од 1994 година“, рече Муса на денешната прес-конференција.
И Влатко Владичевски по неколку години се враќа активно во македонската кошарка во која, како играч остави длабока трага.
„Мило ми е што сум избран за шеф на стручниот штаб и заедно со Здравковски и Стефанов ќе се обидеме да создадеме нови македонски репрезентативци“, рече поранешниот кошаркар на Работнички, МЗТ Скопје и Гостивар.
Во своето речиси тридецениско постоење, Водњански лисици извади голем број кошаркари кои направија завидни кариери. Најпознато име меѓу нив е Предраг Самарџиски кој на 16-годишна возраст замина во Партизан, а подоцна беше стандарден член на сениорската репрезентација на Македонија. Во негово друштво е соиграчот од генерацијата Јане Петровски, потоа нешто повозрасниот Александар Совковски кој првите кошаркарски чекори ги направи во тимот од Водно итн.
Женскиот тим на Водњански лисици беше уште поуспешен, два пати играше финале во домашното првенство, а во 2001 година ја освои и шампионската титула.