Со убедливи победи против своите ривали, екипите на Водно Санс и Феникс обезбедија пласман во финалето од завршниот турнир во М16 лигата што се игра викендов во СЦ „Јане Сандански“.
Водно Санс буквално го сомле Баскет Кам со 104-58. Една од најквалитетните и најталентирани генерации во македонската младинска кошарка немаше никакви проблеми против ривалот од Македонска Каменица, а прашањето околу победникот го реши во третата четвртина која ја доби со 32-9.
Лука Марјановиќ постигна 26 поени и 10 скока, но одличен натпревар одигра и Никола Јаничиќ кој беше блиску до трипл дабл со 19 поени, 10 скока и 7 асистенции, за индекс 38, највисок на мечот. Мијалов го предводеше Баскет Кам со 18 поени.

Феникс не беше до толку убедлив, но уште во првото полувреме реши многу дилеми во дуелот со Куманово кого го совлада со 71-54. Одлучи втората четвртина која организаторот на завршниот турнир ја доби со 23-8 и на голем одмор замина со 42-25.
Цветковски постигна 22 поена за победничката екипа, а Ивановски додаде 17. Кај Куманово, Кузмановски оствари силен дабл дабл со 13 поени и 18 скока.
Финалето во оваа категорија, меѓу Водно Санс и Феникс се игра утре од 13:30 часот, а од 11 часот, во мечот за бронзата ќе играат Куманово и Баскет Кам.