Од денеска до 30 јули, во португалскиот град Матосињос ќе се одржи Европското првенство Б-дивизија на кое ќе учествува и македонската репрезентација.
Ова е враќање на оваа селекција во „втората лига“ откако лани го освои 14. место на Европското првенство во Измир што беше прв настап на јуниорската репрезентација во А-дивизијата. Сепак, мора да се истакне дека таму влезе по административен план откако Русија беше дисквалификувана, а Македонија го пополни нејзиното место по освоеното четврто место на Европското првенство Б-дивизија во Орадеа во 2019 година.
Претходно, во 2013, македонската јуниорска репрезентација, исто така, беше четврта на првенството во Струмица, но ова е единствена наша селекција која досега не освоила медал во Б-дивизијата. Оттука, јасно е дека е време јуниорската репрезентација на Македонија, конечно, да ја израдува нацијата и да се надоврзе на успехот на младинците кои го освоија среброто на неодамнешното првенство во Скопје.
Ждрепката сакаше Македонија да биде слободна во првото коло, па својот прв натпревар ќе го одигра утре од 19 часот против Велика Британија. Покрај овие две репрезентации, во групата се уште Австрија, Норвешка и Исланд, а пласман во четвртфиналето обезбедуваат првопласираните две селекции од секоја група.

„Првиот натпревар против Велика Британија претставува еден од најважните натпревари за понатамошниот дел од првенството. Анализирани се противниците и ќе дадеме максимум да го победиме противникот. Мора да го кажам и ова, во составот имаме дури седум помлади играчи од генерацијата, што ќе помогне и во наредните години, со собирање на искуство и одлични натпревари во нозете.
Во составот во кој сме овде, ќе дадеме се од себе уште еднаш летово да ја израдуваме цела нација и да направиме што поголем успех во рамките на нашите можности“, изјави селекторот на оваа репрезентација Андреј Апостолски Лечиќ.
За пласман во елитната дивизија, македонската селекција треба да го освои најмалку третото место во конечниот поредок.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
22.07.2023 Македонија – Велика Британија 19:00
23.07.2023 Македонија – Австрија 16:30
25.07.2023 Македонија – Норвешка 19:00
26.07.2023 Македонија – Исланд 16:30