Екипата на Виртус делумно ѝ се одмазди на Олимпија Милано и обезбеди пласман во финалето од Суперкупот на Италија.
Во денешниот полуфинален меч, тимот од Болоња славеше со 78-73 и тоа само една недела откако дојде до потрес во клубот по кој Серџо Скариоло доби отказ, а на негово место беше ангажиран Лука Банки. Натпреварот беше одлучен во последните минути, по 70-70, Виртус направи серија од 7-0 и во финишот успеа да ја задржи предноста за конечен триумф.
Марко Белинели ја предводеше победничката екипа со 15 поени. Кај Олимпија, Шилдс постигна 26 поени, а во своето деби за новиот клуб, Миротиќ реализира 15 поени и 8 скока.
Во финалето, Виртус ќе игра со домаќинот на турнирот Бреша која беше подобра од Тортона со 86-63.