Два месеца по почетокот на новата сезона, Реал Мадрид го претрпе првиот пораз, сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува.
Серијата од 19 победи заврши денеска и тоа во Визинк центар во Мадрид каде Уникаха славеше со 99-93, во десеттото коло од АЦБ лигата. Низата беше фантастична, но не го загрози клупскиот рекорд кој како тренер го држи Пабло Ласо, а кој изнесува 31 победа.
Уште еден интересен момент е тоа што Уникаха дојде до победата и покрај тоа што во третата четвртина губеше со 41-62, а Реал во првиот дел погоди девет тројки од 15 шута. Следуваше серија од 22-5 за 63-67, а потоа тимот од Малага продолжи да со пресвртот до конечна победа. Кога веќе дојде до 94-87, беше јасно дека Реал ќе го претрпи првиот пораз во сезоната.
И покрај тоа, мадридскиот тим е сигурен на првото место на табелата, засега со една победа повеќе од Барселона која вечерва гостува во Мурсија.