Единствената женска младинска селекција на Македонија која летово ќе учествува на меѓународна сцена, денеска го отвора Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржува во Софија.
Предводена од Јелена Антиќ, македонската репрезентација денеска од 12 часот се среќава со Холандија во првиот меч од групната фаза на шампионатот на кој ќе се обиде да се вмеша во борбата за пласман на едно од првите три места што водат во елитата. Оваа селекција е една од ретките во поновата историја на македонската женска кошарка која изобилува со квалитет, искуство, но и талент, а некои од кошаркарките кои се во неа, иако уште тинејџерки, се главни во своите клубови.

Сепак, голем проблем за репрезентацијата е тоа што во подготовките одигра само три пријателски натпревари, два против Грција и еден против Бугарија, а на ниеден од нив, Антиќ не можеше да смета на сите кошаркарки. Денешниот натпревар против Холандија би можел да биде слика за тоа во каква форма е екипата.
Покрај Македонија и Холандија, во групата А се уште Хрватска, Исланд и Данска, а пласман во нокаут фазата обезбедуваат првопласираните две репрезентации.