Со натпреварот против Португалија во Матосињос, женската сениорска репрезентација на Македонија вечерва го стартува квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2025 година.
По триумфот против БиХ во Сараево во февруари годинава, амбициите сега се малку повисоки, напуштање на последното место на табелата во групата. Токму Португалија е најголемиот ривал и добар резултат вечерва ќе ги зголеми шансите за напредок. Освен овие две репрезентации, во групата се уште Србија и Украина кои ја имаат фаворитската улога и ќе се борат за првото место кое носи директно на континенталниот шампионат.
Со приклучувањето на Трајчевска и Стојановска, македонската селекција вчера се комплетираше во Матосињос и веќе тренираше во салата каде ќе се игра вечерашниот натпревар.
„Целта останува иста како и на претходните квалификации, а тоа е да се добијат некои натпревари. Веќе на првиот меч со Португалија, на гости, ќе ја бараме и првата победа. Искрено се надевам дека во овие квалификации ќе ја немаме ‘турбулентноста’ во составот како низ претходните, односно дека на сите шест натпревари ќе настапиме во полн состав.

Фаворитската улога во ова друштво ја има Србија, која добро знаеме со каков состав располага, како и нејзината константност да опстојува на врвот на европската кошарка во изминатиов период. Реално, ако се суди според моменталниот квалитет, ние нашите шанси за успех треба да ги гледаме на дуелите со Португалија, а подоцна и со Украина. Признаваме фаворити, но ќе се трудиме да одиграме најдобро што знаеме, и да бидеме подобри во овој квалификациски циклус во однос на претходниот“, изјави селекторот Александар Ашаданов.
Вечерашниот натпревар во Матосињос ќе стартува во 21:30 по средноевропско време, а веќе в недела во Скопје ќе гостува Србија. Европското првенство во 2025 година ќе се одржи во четири држави: Иалија, Германија, Чешка и Грција.