НБА ја суспендираше суперѕвездата на Мемфис Гризлис, Џа Морант на 25 натпревари, на почетокот од сезоната 2023/24 поради однесувањето кое, како што се вели, е штетно за лигата.
Претходно, уште на 14 мај, Морант беше суспендиран од Гризлис, чекајќи ја одлуката на НБА, а сето тоа како последица на неговото појавување на социјалните мрежи со огнено оружје. Морант подоцна се правдаше дека пиштолот е лажен, но НБА немаше милост, па тој ќе пропушти безмалку третина од новата сезона.
„Одлуката на Џа Морант, повторно да мавта со огнено оружје на социјалните мрежи е алармантна и вознемирувачка, со оглед на неговото слично однесување во март поради што беше суспендиран на осум натпревари. Можноста, други млади лица да го имитираат неговото однесување е особено вознемирувачка. Под овие околности, веруваме дека суспензијата од 25 натпревари е примерена и јасно покажува дека неодговорно однесување со оружје нема да се толерира“, се вели во соопштението на НБА.
Интересно е тоа што суспензијата од 25 натпревари не е конелна бидејќи пред нејзиниот истек, Морант ќе мора да ја исполни програмата на лигата која се занимава со околностите кои го довеле до повторување на деструктивното однесување. Освен што ќе пропушти 25 натпревари од основниот дел на сезоната, тој не може да учествува во која било јавна лига, вклучувајќи ја претсезоната.