Златибор ќе притиска за влез во АБА 1, но не на грбот на МЗТ Скопје

0Shares
0 0

Иако ја освои титулата во АБА 2, Златибор е најголемиот губитник сезонава во регионалната кошарка бидејќи ни тоа не му овозможи да се пласира во највисокиот ранг.

Во дополнителниот бараж, екипата загуби од Борац Чачак и, според правилата, треба и идната сезона да игра во Втората лига. И покрај тоа, од клубот се посилно притискаат за тоа, да им биде овозможено да се натпреваруваат во елитната дивизија во што им помагаат другите српски клубови што отворено лобираат за нив. Сепак, за разлика од Црвена Звезда, која го оспори учеството на МЗТ Скопје во АБА 1, Златибор не сака на тој начин да ја оствари својата цел.

„Оваа сезона направивме историски успех за нашиот клуб и нашето мало место, ја освоивме титулата во АБА 2. На сето тоа, останува горчлив вкус по поразот од Борац бидејќи по сегашните пропозиции немаме право на настап во Првата лига. Ќе се обидеме со некаква спортска дипломатија да ја исправиме таа неправда, но конечната одлука треба да ја донесат челниците и раководството на лигата.

Во средата вечер загубивме од Борац, па затоа уште не сме преземале ништо бидејќи дотогаш не знаевме дали на спортскиот терен ќе избориме пласман во повисок ранг. Пропозициите беа јасни и бевме упатени во сето тоа. Веројатно никој не очекуваше дека ќе оствариме таков успех, па затоа досега немаше глас од никого“, изјави тренерот на Златибор, Страјин Недовиќ.

Единствена реална опција за влез на Златибор во АБА 1 е да се прошири лигата на 16 клуба. Останува да се види и одлуката на хрватските учесници, дали тие ќе останат да се натпреваруваат или ќе ја прифатат можноста да одат во Алпе Адриа купот.

0Shares
0 0