Злато вредна победа за Еуро Никел, ТФТ потклекна кога не смееше

0Shares
0 0

Актуелниот вицешампион на Македонија ја прекина серијата од четири порази и триумфираше таму каде што можеби најмалку што се очекуваше.

Еуро Никел го совлада ТФТ со 75-73 и стави крај на низата на освојувачот на Купот од десет победи во Кале. Триумф денеска ќе го однесеше ТФТ на прагот на плејофот, но место тоа, Еуро Никел е најблиску до тоа бидејќи во последните две кола му е потребна уште една победа.

Натпреварот помина целосно во знакот на кавадарчани кои го контролираа резултатот од почеток до крај иако домаќините постојано им беа зад петите. Се чинеше дека се е готово на три минути пред крајот кога Еуро Никел поведе со највисоки +13 (74-61), но тогаш се разбудија кошаркарите на ТФТ. Со серија од 12-0 се доближија на само еден поен негатива на 18 секунди пред крајот. Проблемот беше што не беа излезени од бонус, па тука изгубија девет секунди.

И покрај тоа, откако Соколов погоди едно од двете слободни фрлања, на домаќините им останаа девет секунди да се изборат за продолжение или победа. Во целата брканица Ташовски тргна кон кошот, противниците му ја избија топката од раце и ТФТ ја пропушти последната шанса.

Самарџиски го одигра најдобриот натпревар откако лани дојде во Еуро Никел и беше најефикасен во својот тим со 15 поени. Костоски беше прв играч на мечот со 25 поени.

ТФТ се уште не ги загубил шансите за плејофот, а во корист му е денешниот пораз на Гостивар од Пелистер. Ако во следното коло го победи Феникс, ќе решава последниот натпревар, против Гостивар идниот викенд.

0Shares
0 0