Звезда го скина берлинското проклетство

0Shares
0 0

Трет меч под водство на Душко Ивановиќ и трета победа за Црвена Звезда, сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува.

По триумфот против Асвел и потоа над Цибона, денеска „црвено-белите“ првпат во својата историја ја победија Алба во Берлин и ја прекинаа серијата од седум порази во дуелите со германскиот шампион. Звезда победи со 88-84 во турбулентниот натпревар во кој двете екипи имаа големи осцилации и свои сјајни и мрачни периоди.

Во првото полувреме се менуваа во водство, а највисоката предност на една од нив изнесуваше седум разлика. Во третиот квартал Алба поведе со 52-43 за Звезда да израмни на 55-55 и во последните десет минути да се влезе со само +2 за домашниот тим. Во нив германскиот тим повторно поведе со седум разлика и се чинеше дека е во добитна комбинација, но Звезда повторно покажа дека тотално го сменила менталитетот во последните две недели.

Се разигра Митровиќ кој постигна пет поени по ред, а потоа Вилдоса на 82 секунди пред крајот постигна тројка за водство на Србите со 75-74. До крајот на основниот дел беше постигнат само еден поен, Звезда имаше 17 секунди во последниот напад, Недовиќ се обиде за тројка, ама го погоди само првиот обрач.

Истиот играч подоцна стана херој на „црвено-белите“ бидејќи со два продора го одведе својот тим на +4, разлика која на крајот се покажа клучна за победата. По почетните 1/6, Звезда сега врза две победи по ред, првпат се израдува на гостински терен и најавува многу поплодна сезона на сите фронтови.

РЕЗУЛТАТИ – ЕВРОЛИГА, 9. КОЛО
Монако – Фенербахче 93-96
Алба – Црвена Звезда 84-88
Макаби – Олимпијакос 90-84
Милано – Анадолу Ефес 51-80
Валенсија – Реал 73-80
Барселона – Партизан 79-68
УТРЕ
Асвел – Баерн 20:00
Панатинаикос – Виртус 20:00
Басконија – Жалгирис 20:30

0Shares
0 0