Вицешампионот на АБА лигата, Црвена Звезда направи комплетен ремонт на тимот и во новата сезона ќе влезе со речиси целосна промена на играчкиот кадар.
Најново засилување за „црвено-белите“ е бразилскиот плејмејкер Јаго дос Сантос кој доаѓа во Белград по фантастичната сезона во тимот на Улм со кого триумфираше во Бундеслигата. Беше прогласен и за МВП на финалната серија во која неговиот тим беше подобар од Телеком Бон на Ти Џеј Шортс.

Токму со Шортс, Дос Сантос има слични карактеристики бидејќи е висок само 175 сантиметри, но е исклучително брз, има одличен преглед на играта и дава енергија на тимот.
Јаго дос Сантос е деветто засилување за Црвена Звезда ова лето откако претходно во тимот дојдоа: Дејан Давидовац, Марко Симоновиќ, Милош теодосиќ, Адам Ханга, Мајк Тоби, Џоел Боломбој, Рокас Гиедраитис и Шабаз Нејпир. Во исто време, си заминаа седумина: Стефан Мирковиќ (ја заврши кариерата), Бен Бентил, Хасан Мартин, Џон Холанс, Огњен Добриќ, Лука Вилдоса и Факундо Кампацо. Се шпекулира дека тука нема да биде крајот на засилувањата бидејќи со Звезда се поврзува и грузискиот репрезентативец Торнике Шенгелија.