Екипата на Партизан поведе со 2-0 во финалната серија од АБА лигата откако вечерва како домаќин ја совлада Црвена Звезда со 87-78.
Со тоа си обезбеди три меч-топки, односно три шанси да дојде до првата шампионска титула во регионалното натпреварување по пауза од 10 години. Интересно е тоа што денешниот натпревар беше далеку поизрамнет од првиот, а „црно-белите“, сепак, славеа поубедлива отколку во вторникот кога победија со 88-80.
Звезда се држеше во првото полувреме кое заврши израмнето (44-44), но потклекна во третата четвртина во која имаше девет поени негатива (59-68) пред Лазиќ да постигне тројка со истекот на времето. Во последниот квартал Партизан имаше неколку тешки минути, но ниеднаш разликата не се симна на еден посед. Лазаревиќ имаше можност да намали на -3 на четири минути пред крајот, но промаши зицер и тоа беше еден од клучните моменти и причини за поразот на Звезда.

Џејмс Нанели и Ален Смаилагиќ беа најефикасни кај Партизан со по 15 поени со тоа што центарот сите свои поени ги реализира во првото полувреме. Недовиќ ја предводеше Звезда со 21 поен, но далеку од своето најдобро издание беа Аргентинците Кампацо и Вилдоса. Кампацо заврши со 9 поени и 7 асистенции, а Вилдоса, кој се врати по повредата, застана на 8 поени, но ниеднаш не успеа да влезе во ритам.
Првата шанса за седма шампионска титула во АБА, Партизан ќе ја има в недела од 19 часот кога во Пионир се игра третиот натпревар. „Црно-белите“ сезонава еднаш веќе беа во ситуација да водат со 2-0 во плејоф серија, против Реал во Евролигата, но тогаш изгубија со 2-3 и беа елиминирани.