Македонскиот првак МЗТ Скопје дојде до деветтата победа во низа откако вечерва славеше против Кожув со 79-65.
Многу работи, домаќинот реши во првата четвртина во која водеше и со 17 поени разлика (24-7). Кон средината на вториот квартал МЗТ Скопје го достигна и највисокото водство (36-13), но Кожув одговори со серија од 14-0 (четири тројки во таа низа) и се врати на едноцифрена негатива.
Сепак, тоа не влијаеше многу врз играта на домашниот тим кој остана на сигурна оддалеченост од противникот и предноста ја сочува до крај. Кога на седум минути пред последниот звук на сирената отиде на +19, јасно беше дека ќе ја продолжи победничката серија.
Војдан Стојановски со 18 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, но Ворку и Баковиќ остварија дабл дабл. Слејтер го предводеше Кожув со 14 поени.