Екипата на Црвена Звезда повторно е шампион во АБА откако му одржа лекција на Партизан во финалната серија од регионалното натпреварување.
„Црвено-белите“ го прегазија својот најголем ривал Партизан со 3-0 за седма титула во регионалното натпреварување со што се израмнија со својот градски ривал. Меѓу другото, првпат по дури 24 меѓусебни дуели направи брејк бидејќи славеше како гостин во белградската Арена со 82-76.
Звезда постојано беше во водство, Партизан одржуваше чекор, но не успеа да ја преземе контролата над резултатот. Кога беше најтешко, Црвена Звезда знаеше да ја смири играта, да ги искористи сите слабости на противникот и повторно да направи сигурна предност. Партизан на овој меч настапи без Џејмс Нанели кој направи инцидент на пладневниот тренинг откако влезе во физичка пресметка со противничкиот играч Стефан Лазаревиќ. Со овој триумф, Звезда веќе е во серија од шест победи во меѓусебните дуели со Партизан.
За разлика од Звезда која има обезбеден пласман во Евролигата, Партизан повторно ќе чека специјална покана, но факт е дека оваа сезона беше катастрофална за „црно-белите“, како на меѓународен, така и на домашен план.


