Партизан почнува ново поглавје во организацијата на клубот, а за едно од најважните места во раководната структура го избра Сани Бечировиќ.
Поранешниот словенечки репрезентативец и еден од позвучните кошаркарски функционери во Европа е именуван за нов директор на белградскиот гигант, откако Управниот одбор едногласно ја донел одлуката на редовната седница.
Со оваа промена, досегашниот директор Дуле Каравесовиќ нема да замине од клубот, туку ќе ја преземе функцијата директор за развој. Тој речиси десет години беше дел од раководната структура на Партизан, а од клубот му се заблагодарија за досегашниот придонес.
Ангажманот на Бечировиќ е особено интересен поради неговото искуство во создавањето конкурентни европски екипи. Неговото име најмногу се поврзува со Панатинаикос, каде што како спортски директор имаше важна улога во формирањето на составот кој во 2024 година ја освои Евролигата под водство на Ергин Атаман.
Словенецот претходно работеше и во Цедевита Олимпија, каде што беше спортски директор од 2019 до 2023 година, пред повторно да се врати во Атина. Во Панатинаикос првично имаше и тренерска, односно менаџерска улога, а подоцна ја презеде одговорноста за спортскиот сектор.
Последната функција пред доаѓањето во Белград му беше во рускиот Зенит од Санкт Петербург. Таму пристигна во летото 2025 година, но соработката заврши на 12 ноември 2026 година, по меѓусебен договор и од лични причини, соопшти рускиот клуб.
Бечировиќ зад себе има и богата играчка кариера. Има трофеј во Евролигата со Панатинаикос, освоена во 2007 година, како и титули во Словенија, Грција и Италија. Во 2000 година беше прогласен за МВП на Европското У20 првенство што се одржа во Охрид на кое со Словенија стигна до шампионската титула.


