Кошаркарите на МЗТ Скопје претрпеа пораз на гостувањето кај Сутјеска во Никшиќ со 75-85, во натпреварот кој е од второто коло во АБА 2 лигата, но е прв за македонскиот тим во регионалното натпреварување.
Нашиот претставник имаше добар период во вториот квартал и на паузата замина со предност, но домаќините беа подобри во завршницата и стигнаа до победата.
Сутјеска го отвори натпреварот подобро и ја доби првата четвртина со 16-11. МЗТ, сепак, одговори во вториот период, во кој постигна дури 29 поени, наспроти 23 на противникот, па на полувремето замина со минимална предност (40-39).
Третата четвртина донесе изедначена игра и неизвесност на паркетот. Сутјеска го доби овој период со 21-19 и пред последните десет минути имаше минимално водство од 60-59. Така, прашањето за победникот остана отворено пред решавачкиот квартал.
Во последната четвртина, сепак, домаќините ја презедоа контролата. МЗТ Скопје го стигна заморот, не беше доволно ефикасен во нападот, а прими 25 поени, па мораше да се помири и со четвртиот пораз на меѓународна сцена оваа сезона во исто толку натпревари.
Ноа Али Фаракан беше прв стрелец на МЗТ Скопје со 18 поени, Димитрије Николиќ заврши со 17, а Војдан Стојановски со осум поени.
За МЗТ продолжува напорниот период бидејќи веќе во вторник го очекува меч против АЕК Лимасол во ФИБА Европа купот, а в четврток игра и со Струмица во домашното првенство.


