Македонскиот кадетски репрезентативец Игор Трајчев продолжува да го гради својот кошаркарски пат во Австрија, каде што живее и настапува, а новата сезона носи и нов предизвик за еден од талентираните македонски кошаркари.
Иако има само 15 години, Трајчев во новата сезона ќе биде дел од У19/1-селекцијата на Виена Тимбервулвс, најдобрата младинска екипа во оваа возрасна категорија. Тимот ќе го предводи Един Бавчиќ, а Трајчев ќе има можност да работи и со македонскиот стручњак Никола Василев кој е тренер на сениорскиот тим, но има значајна улога и во развојот на младите кошаркари во клубот.
За Трајчев ова претставува важен чекор напред, особено ако се има предвид дека летово беше дел од македонската кадетска репрезентација на Б-Европското првенство што се одржа во Скопје и Гевгелија. Искуството стекнато во националниот дрес сега треба да го пренесе и во новата клупска сезона, во која ќе има можност да игра против квалитетни младински екипи и да продолжи индивидуално да напредува.
Виена Тимбервулвс е клуб со сериозна традиција во работата со млади кошаркари. Од неговата школа потекнува и Јакоб Пелтл, првиот австриски кошаркар кој стигна до НБА. Клубот и денес силно се потпира на младинската школа и развојот на талентите.
Особено интересна е и тренерската структура околу Трајчев. Един Бавчиќ веќе работел со У19 тимот на Тимбервулвс, а покрај тренерската работа има и богато меѓународно играчко искуство. Поранешниот босански репрезентативец настапуваше за повеќе европски клубови, а во 2006 година беше избран и на НБА-драфтот.
Во новата сезона Трајчев ќе има можност да настапува и на CЕYBL турнирите (Централно европска младинска кошаркарска лига), што ќе му донесе дополнителни натпревари и искуство против млади кошаркари од различни европски средини.
За македонската кошарка, ваквиот развој е особено значаен. Трајчев останува дел од генерацијата која го носи македонскиот репрезентативен дрес во младинските категории, а продолжувањето на неговиот развој во квалитетна австриска средина е уште една можност постепено да се наметнува и да го прави следниот чекор во кариерата.


