Ненад Димитријевиќ одигра натпревар за паметење во дресот на Арис, откако на дуелот против Ле Ман забележа личен рекорд во асистенции во европските клупски натпреварувања.
Македонскиот репрезентативец беше вистински диригент на играта на грчкиот состав, делејќи дури 13 успешни додавања во победата над францускиот тим од 96-86, во рамките на осмото коло од Еврокупот.
Димитријевиќ натпреварот го заврши со 11 поени, 13 асистенции, два скока и една украдена топка, остварувајќи дабл-дабл учинок за 27 минути поминати на паркетот. Она што го прави овој настап посебен е фактот дека 13. асистенции претставуваат негов најдобар индивидуален резултат во кариерата во Еврокупот и Евролигата.
Досегашниот рекорд во Еврокупот му изнесуваше 11 асистенции, постигнати во 2021 година на натпреварот против Промитеас кога уште беше член на Валенсија, додека во Евролигата неговиот најдобар учинок беше десет успешни додавања.


