Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат да реди порази во ФИБА Европа купот. Македонскиот шампион го претрпе и седмиот неуспех во исто толку натпревари, откако на гостувањето во Естонија загуби од Тарту со 77-93, во рамките на седмото коло од групата Е.
„Штрковите“ имаа солиден почеток и во првата четвртина му парираа на домашниот состав. Тарту го доби воведниот период со минимални 20-19, иако МЗТ во одредени моменти имаше и предност од пет поени.
Сепак, вторите десет минути беа пресудни за конечниот исход. Естонците целосно ја презедоа контролата, ја искористија слабата игра на гостите и постигнаа дури 33 поени, наспроти само 15 на македонскиот претставник. Така, на паузата Тарту имаше убедлива предност од 53-34.
По одморот, МЗТ се обиде да се врати во натпреварот и успеа да ги добие последните две четвртини. Третата заврши со 22-21, а последната со 21-19 за гостите, но големата негатива од првото полувреме не дозволи посериозно загрозување на победата на Тарту.
Лесли Ворнер беше најефикасен во составот на МЗТ со 19 поени. Ноа Фарахан постигна 18, Тадија Тадиќ заврши со 15, а Димитрије Николиќ додаде 10 поени. Ова е втор пораз на МЗТ од Тарту во меѓусебните дуели сезонава. Естонците претходно славеа и во Скопје со 95-92, па со двата триумфа ја потврдија својата супериорност во директните пресметки.
За „штрковите“ европската сезона продолжува со сериозни проблеми. По седум кола остануваат без победа во групата Е, а следниот предизвик ќе биде домашниот натпревар против германски Вирцбург, закажан за 9 декември.


