Поранешната НБА-ѕвезда Двајт Хауард ја заврши својата нова авантура во професионалната кошарка по само два одиграни натпревари за грузискиот тим Блек Фортерс од Тбилиси.
Четириесетгодишниот центар повторно одлучи да се повлече од кошарката, а неговиот ангажман во Грузија траеше многу пократко од очекуваното. Клубот официјално потврди дека Хауард го напушта тимот поради одлуката да стави крај на играчката кариера.
Интересно е што Хауард уште во март годинава објави дека се повлекува од професионалната кошарка, но неколку месеци подоцна се премисли и потпиша договор со Блек Фортерс. Сепак, неговото враќање на терените траеше само две средби.
На индивидуален план, Хауард остави солиден впечаток. На двата натпревари просечно бележеше по 11 поени, 5,5 скока, 1,5 асистенции и 2,5 блокади, но не успеа да му помогне на својот тим да стигне до победа.
Неговото последно поглавје во Грузија доаѓа по богатата кариера во НБА-лигата, каде што настапуваше за Орландо, Лос Анџелес Лејкерс, Хјустон, Атланта, Шарлот, Вашингтон и Филаделфија. Последните натпревари во најсилната кошаркарска лига во светот ги одигра во сезоната 2021/22, а во 2020 година со Лејкерс ја освои шампионската титула. Хауард осумпати настапи на Ол-стар натпреварите, трипати беше прогласен за најдобар дефанзивец во НБА и во 2025 година беше примен во Куќата на славните во кошарката.
По заминувањето од НБА, тој продолжи да игра во странство, меѓу другото во Тајван, а настапуваше и на турнири надвор од САД. Сега останува да се види дали ова навистина ќе биде последната страница од неговата богата кошаркарска кариера.


