Лос Анџелес Лејкерс продолжува да гази во НБА-лигата, а овојпат главната улога не му припадна на Лука Дончиќ.
Во драматична пресметка со Шарлот Хорнетс, тимот од Калифорнија славеше со 118-114 по продолжение, благодарение на неверојатното издание на Квентин Грајмс, кој приреди вистински кошаркарски спектакл.
Грајмс беше нерешлива енигма за одбраната на Шарлот и натпреварот го заврши со рекордни 47 поени. Неговата прецизност од линијата за три поени беше импресивна, бидејќи погоди 10 од вкупно 14 обиди и практично сам го одржуваше својот тим во игра кога беше најпотребно.
Дончиќ не остана во сенка поради слаба партија. Словенечкиот кошаркар постигна 36 поени и уште еднаш беше еден од најважните играчи на Лејкерси, но вечерта дефинитивно му припадна на неговиот соиграч.
Клучниот момент се случи во последните секунди од регуларниот дел. Лејкерс имаа напад за победа, Дончиќ се обиде да ја преземе одговорноста, но откако противничката одбрана му го затвори патот кон кошот, успеа да го пронајде осамениот Грајмс. Следуваше прецизен шут од дистанца за неговата десетта тројка, со која беше обезбедено продолжение.
Во дополнителниот период тимот од Лос Анџелес покажа поголема смиреност и го зададе решавачкиот удар за нов триумф. Со тоа Лејкерс стигнаа до осмата победа во низа, потврдувајќи дека се во одличен натпреварувачки ритам.
Посебно внимание привлекува податокот дека Грајмс пред овој натпревар имаше просек од само 9,2 поени по средба. Од играч со споредна улога, преку ноќ се претвори во апсолутен херој на Лејкерси, испраќајќи јасна порака дека Дончиќ не е единствената офанзивна опасност во тимот.
РЕЗУЛТАТИ
Торонто – Њујорк 102-111
Минесота – Портланд 106-105
Сан Антонио – Детроит 93-105
ЛА Клиперс – Јута 107-132
ЛА Лејкерс – Шарлот 118-114


