Како што синоќа најави КОШ.МК, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром и официјално го реши тренерското прашање.
Нов предводник на актуелниот македонски шампион е српскиот стратег Дејан Мијатовиќ, кој денеска потпиша договор со клубот и ќе го преземе тимот во продолжението од сезоната.
Заедно со 58-годишниот тренер во Аеродром пристигнува и неговиот помошник Иван Дробњак. Новиот стручен штаб доаѓа на местото на Васко Атанасов, со кого МЗТ ја прекина соработката пред неколку недели.

Мијатовиќ зад себе има богато тренерско искуство, а последниот ангажман му беше во Борац Чачак, каде што работеше од 2022 до 2024 година и го предводеше клубот во АБА-лигата. Во својата кариера самостојно работел и во Ловќен, ОКК Београд и полскиот Баскет Познањ, додека првите тренерски чекори ги направил токму во Борац.
Искусниот српски стручњак има и значајно меѓународно искуство како дел од стручните штабови на неколку познати европски клубови. Бил дел од ФМП Железник, Хемофарм, германска Алба Берлин и белградски Партизан, а работел и во младинските категории на Олденбург.
Посебно место во неговата биографија заземаат успесите со младинските репрезентации. Во 2006 година освои европско злато како помошник во селекцијата до 20 години на Србија и Црна Гора, додека една година подоцна се искачи на европскиот врв и како селектор на јуниорската репрезентација на Србија, која триумфираше на шампионатот во Шпанија.
Со ангажманот на Мијатовиќ, МЗТ добива тренер со големо искуство од регионалната и европската кошарка. Пред него е задачата да го стабилизира тимот и да продолжи со освојувањето трофеи откако клубот од Аеродром последните четири години ги освои сите можни титули на домашна сцена.


