Јуниорскиот репрезентативец и еден од најголемите македонски таленти Дамјан Данев новата сезона ќе ја дочека во САД.
Од пред неколку дена, тој е член на Iowa United Basketball, една од најмодерните кошаркарски академии, не само на американскиот континент, туку и во светот. Таму Данев ќе ја мине претстојната сезона во која ќе го заврши средното училиште и кошаркарски ќе се усовршува. Првите импресии се фантастични, станува збор за училиште кое брзо се развило во една од најпрестижните кошаркарски академии во САД, а во кој нашиот кошаркар ќе ги има сите услови да напредува и да се развива. Во Iowa United Basketball ќе остане претстојната сезона, а потоа ќе одлучи дали ќе продолжи во САД или ќе бара нова станица во кариерата.
Данев има 18 години, висок е 205 сантиметри и е „дете“ на Вардар каде ги мина сите возрасни категодии, вклучувајќи го и сениорскиот тим во кој настапуваше минатата кампања, во Првата лига. Се закити со сите трофеи во младинските лиги, лани беше МВП во јуниорската лига, а претходната сезона во финалето од истото натпреварување постигна 21 поен и 21 скок и беше меѓу најзаслужните за титулата. Играше и на Б-Европското јуниорско првенство, но поради повреда не го истакна сиот свој талент и потенцијал, откако претходно од ФИБА беше посочен како еден од играчите на кои треба да се обрне внимание.
За Данев летово беа заинтересирани половина македонски суперлигаши, но тој беше категоричен дека сака да замине во САД. Ако се биде според планот и желбите, не е далеку денот кога 18-годишниот кошаркар ќе го облече дресот на сениорската репрезентација на Македонија.





