Остоја Мијаиловиќ би можел наскоро да го прошири своето присуство во српскиот спорт и од кошарката да влезе и во фудбалот.
Актуелниот претседател на Кошаркарскиот клуб Партизан е во завршна фаза од преговорите за преземање на ФК Чукарички, а трансакцијата би требало да биде реализирана во текот на декември.
Информацијата ја потврди спортскиот директор на клубот од Белград, Владимир Матијашевиќ, кој гостуваше во подкастот „2х45“ на Моцарт Спорт. Според него, разговорите со досегашниот сопственик Драган Обрадовиќ се практично завршени, а адвокатите веќе работат на потребната документација.
„Ако сè биде во ред, Остоја Мијаиловиќ во декември ќе го преземе Чукарички од Драган Обрадовиќ. Тоа сега го работат адвокатите“, откри Матијашевиќ.
Тој појасни дека целата приказна започнала со разговори за потенцијално спонзорство, но со текот на времето се развила во многу посериозни преговори за преземање на клубот. Првичниот контакт бил воспоставен преку синот на Мијаиловиќ, кој присуствувал на натпревар на Чукарички.
Според најавите, новиот сопственик би сакал да ја задржи досегашната ориентација на клубот, со дополнителни инвестиции во инфраструктурата, младинската школа и создавањето услови за формирање тренинг-камп. Матијашевиќ откри дека разговарале и за задржување на дел од актуелните луѓе во клубот.
Сепак, влегувањето на Мијаиловиќ во фудбалот отвори и едно многу поголемо прашање – што ќе се случува со неговата функција во Партизан?
Засега нема конкретен одговор дали најавеното преземање на Чукарички ќе значи само проширување на неговите спортски активности или евентуални промени во раководството на кошаркарскиот гигант. Мијаиловиќ е на чело на Партизан од 2017 година, а пред само два месеца доби нова поддршка од клупското собрание за продолжување на претседателскиот мандат. Засега нема официјална потврда дека планира да се повлече, но нема ниту јасна најава дека ќе продолжи со досегашниот ангажман доколку стане сопственик на Чукарички.
Мијаиловиќ е во немилост на навивачите на Партизан веќе една година, од заминувањето на Жељко Обрадовиќ од тренерската позиција во клубот. Гневот на фановите е толку голем што претседателот буквално не смее да присуствува на натпреварите на тимот, а со смената на власта во Србија, се очекува наскоро да ја напушти својата функција.


