Литванската кошаркарска репрезентација остана без селектор во еден од најважните моменти од квалификацискиот циклус за Светското првенство во 2027 година.
Римас Куртинаитис поднесе оставка на функцијата, а заедно со него заминува и целиот стручен штаб на репрезентацијата. Одлуката доаѓа само неколку дена откако искусниот стратег повторно ја презеде работата со националниот тим, откако претходно веќе еднаш поднесе оставка.
Куртинаитис стана селектор на Литванија во октомври 2024 година, а под негово водство репрезентацијата минатото лето го освои петтото место на Европското првенство. Сепак, по првата фаза од квалификациите за Мундобаскетот, тој поднесе оставка. Тогаш челниците на литванската кошарка побараа од него да остане, па Куртинаитис продолжи да ја води екипата и во последниот квалификациски прозорец. Сега, одлуката е конечна.
„Донесов одлука да се разделам со репрезентацијата. Верувам дека сега е вистинскиот момент, бидејќи новиот стручен штаб ќе има доволно време да се подготви за следниот квалификациски прозорец“, објасни Куртинаитис.
Тој откри дека одлуката за заминување всушност ја донел уште по првата фаза од квалификациите, но прифатил да остане по барање на раководството и да помогне и во последниот прозорец. Куртинаитис и неговите соработници заминуваат во период на големи промени во литванската кошарка. Претходно од функцијата претседател на федерацијата се повлече Миндаугас Балчунас, а изборот на ново раководство се очекува во следниот период.
Токму по изборот на новиот претседател ќе биде избран и новиот селектор. Според најавите, тоа треба да се случи најдоцна до почетокот на подготовките за следниот квалификациски прозорец. Литванија така влегува во период на целосна неизвесност околу стручниот штаб. Репрезентацијата е во тешка ситуација во борбата за пласман на Светското првенство и не смее да си дозволи пораз против Србија во следното коло ако сака да остане во игра за место меѓу најдобрите.


