Неапол би можел да влезе во нова спортска ера, а во центарот на вниманието е идејата фудбалскиот и кошаркарскиот клуб да добијат ист сопственик.
Американскиот бизнисмен Мет Рицета, кој е на чело на Наполи Баскет, клубот за кој настапува македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, сериозно размислува за преземање на славниот фудбалски клуб Наполи.
Разговорите со актуелниот претседател и сопственик на фудбалскиот клуб, Аурелио Де Лаурентис станале конкретни. Двајцата бизнисмени веќе шест месеци комуницираат преку посредници, а неодамна имале и директна средба во Неапол.
Де Лаурентис, кој го презеде клубот во 2004 година, откако Наполи се соочи со банкрот, сега бара дури две милијарди евра за продажба на клубот. Под негово раководство, тимот се врати во италијанскиот фудбалски врв, освои титули во Серија А и повторно стана редовен учесник во најголемите европски натпреварувања.
Рицета ја примил информацијата за бараната цена и побарал време за консултации со своите соработници. Во евентуалната трансакција важни ќе бидат и прашањата околу тренинг-центарот и плановите за изградба на нов стадион. Американскиот инвеститор, според објавените информации, не е заинтересиран само за купување малцински удел, туку целта му е да обезбеди мнозинска контрола врз клубот.
Рицета веќе инвестира во спортот во Италија. Покрај Наполи Баскет, тој е поврзан и со фудбалскиот клуб Кампобасо, кој под негово раководство напредуваше низ пониските рангови на италијанскиот фудбал.
Наполи Баскет, пак, има амбиции да се етаблира меѓу најсилните европски кошаркарски клубови и од идната сезона да се натпреварува во Евролигата. Дел од тие планови е и македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, кој го засили италијанскиот тим и треба да помогне во остварувањето на високите цели.


