Панатинаикос ќе мора да го одигра важниот првенствен дуел против АЕК без една од своите најголеми ѕвезди Кендрик Нан кој доби специјална дозвола од клубот да отпатува во Катар за да ги заврши административните процедури околу добивањето катарско државјанство.
Причината за неговото отсуство е големата финансиска понуда што ја добил за во следните пет години да настапува за катарската репрезентација. Според информациите што ги објавуваат грчките медиуми, станува збор за договор вреден околу 10 милиони евра.
Катар веќе се подготвува за Светското првенство во 2027 година, чиј домаќин ќе биде. Како организатор, Катар има обезбедено автоматски пласман на завршниот турнир, а ангажманот на поранешниот најкорисен играч во Евролигата треба да биде едно од најголемите засилувања за националниот тим.
Нан добил одобрение од Панатинаикос да отпатува во Доха и да ја заврши целата документација. Неговото отсуство доаѓа во незгоден момент за атинскиот клуб, кој во грчкото првенство има биланс од четири победи и еден пораз, по неочекуваниот неуспех од Арис.
Американскиот бек сезонава повторно е еден од најважните играчи на Панатинаикос. Во четирите досегашни настапи во Евролигата бележи просек од 20,3 поени, 3,3 асистенции и 1,8 скока за нешто повеќе од 23 минути на паркетот. Особено блесна против Реал Мадрид, кога постигна 33 поени и беше најзаслужен за големиот триумф на Панатинаикос во продолжението со 115-112. Според најавите, Нан треба да се врати во Атина во текот на неделата и да му биде на располагање на тренерот за евролигашкиот дуел со Барселона на 13 ноември.


