Минесота Тимбервулфс израмни на 3-3 во полуфиналето на Западната конференција откако ноќеска буквално го растури актуелниот шампион Денвер со 115-70.
Тоа е еден од најтешките порази на тимот од Колорадо во поновата историја, но и најубедлив на актуелен шампион во плејофот имајќи предвид дека досегашниот „рекорд“ изнесуваше 36 поени. Денвер беше на ниво само на отворањето на мечот кога водеше со 9-2, потоа следуваше серија од 27-2 на домашниот тим, во кој период Денвер беше без кош пет минути. На полувреме беше 59-40, а највисокото водство Минесота го достигна на околу четири минути пред крајот кога беше +50 (114-64).
Буквално ништо не функционираше во тимот на Денвер, па дури ни Јокиќ и покрај тоа што постигна 22 поена и 9 скока. Џамал Мареј погоди 4/18 од игра, Портер имапе 3/9, Џексон 0/6, Холидеј 0/5, а целиот тим на Нагетс шутираше 30% од игра. Кај Минесота, а и воопшто на натпреварот најефикасен беше Едвардс со 27 поени, Мекдениелс додаде 21, а Рид и Таунс остварија дабл дабл.

Седмиот натпревар се игра в недела навечер на теренот на актуелниот шампион. Победникот ќе се пласира во конференциското финале, а дуелот сигурно ќе биде вистински спектакл, по сето она што се случуваше во текот на оваа серија.


