Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски ноќеска го одигра последниот натпревар за Вашингтон Стејт универзитетот и во НЦАА воопшто и наскоро ќе донесе одлука каде ќе ја продолжи кариерата.
Во последната сезона во НЦАА, тој и ВСУ го остварија најголемиот успех во последните 16 години, пласирајќи се во втората рунда од „мартовското лудило“ што веројатно влијаеше и на емоциите на нашиот кошаркар.
„Оваа екипа е специјална, овде стекнав пријатели за цел живот, најдобра група со која сум бил досега. Можете да видите и на теренот дека сме тесно поврзани, цело време сме заедно. Боли бидејќи знаеме дека повеќе нема да бидеме на куп, овде се завршува, но таков е животот“, изјави Јакимовски.
По завршувањето на основниот дел од сезоната, нему му беше направено специјално испраќање од универзитетот на кој присуствуваа и членови на неговото семејство. Постоеше опција да остане и петта сезона на Вашингтон Стејт, но до тоа многу веројатно нема да дојде.


