Најдобриот играч во Евролигата за оваа сезона Мајк Џејмс веројатно летово ќе заиграше за репрезентацијата на Франција на Олимписките игри во Париз ако проблем не направеше Жоел Ембид.
Лекип денеска објави дека претставници на Џејмс се обратиле до Кошаркарската федерација на Франција со прашање дали тој би можел да биде дел од националниот тим на оваа земја. Французите сериозно ја разгледувале таа можност, но процесот бил одложен поради тоа што Ембид изрази расположение да биде натурализираниот играч во тимот на „триколорите“.
Французите целосно се посветија кон него, поради што пропадна опцијата со Џејмс за потоа Ембид да се премисли и да ја прифати понудата да игра за репрезентацијата на САД. Така, европскиот шампион од 2013 година остана и без Џејмс и без Ембид и само со домашни кошаркари ќе игра на Олимписките игри. Мајк Џејмс лани беше во преговори и со Летонија, но и тоа не доведе до резултат.

