Екипата на Вашингтон Стејт Кугарс обезбеди пласман во втората фаза од НЦАА плејофот откако утринава го победи Дрејк со 66-61.
Тимот на Андреј Јакимовски речиси цело второ полувреме беше во негатива, најмногу од осум поени разлика (46-54) на осум минути пред крајот, но македонскиот репрезентативец со тројка го иницираше пресвртот кој подоцна беше материјализиран во триумф. Во следните седум минути Вашингтон Стејт направи 18-5 и во финишот влезе со недостижни пет поени предност.
Јакимовски беше трет стрелец во својата екипа, но повторно беше исклучително важен за Кугарс. Во последната минута погоди три од четири слободни фрлања со кои стави печат на победата на ВСУ, а натпреварот го заврши со девет поени и шест скока. Освен тоа, одигра фантастична одбрана во клучните моменти во кои го имаше на секој дел од теренот и покажа зошто е лидер на оваа екипа.
Во 1/32-финалето, Вашингтон Стејт ќе игра со Ајова Стејт која го освои второто место во основниот дел од сезоната, во една од најсилните конференции во НЦАА, Биг 12. Ноќеска, Ајова Стејт беше подобра од Јужна Дакота со 82-65.