Првпат во својата историја, Олденбург стана шампион на Германија во кадетска конкуренција (У16), а свој придонес во големиот успех имаше и еден Македонец.
Станува збор за македонскиот стручњак Дејан Стојановски кој е роден и работи во Германија, со голем успех во младинските категории. Во драматичното финале, Олденбург ја совлада Алба со 74-72 во меч во кој доминираше 40 минути, имаше и 13 поени предност, но победата ја обезбеди во финишот.

„Чувството не може да се опише со зборови, постојано верувавме во себе и прекрасно е што ја остваривме нашата цел. Имавме падови, но останавме прибрани и во финишот донесовме вистински одлуки. Испишавме историја за клубот, горди сме на тоа што го направивме и нема тука да застанеме со работата и напредокот“, изјави Стојановски по остварувањето на големиот успех.
Победата за титула беше 20. по ред за тимот на Олденбург. До финалето стигна и јуниорскиот состав (У19), но не успеа да триумфира, туку загуби од Вехта.


