Актуелниот европски вицешампион Олимпијакос е последниот учесник на завршниот турнир од Евролигата.
По примерот на Фенербахче, грчкиот првак славеше како гостин кај Барселона со 63-59 и го комплетира квартетот екипи кои во Берлин ќе се борат за континенталната круна. Исклучително неефикасниот и неатрактивен меч беше решен во последните четири минути.
По 49-49, Олимпијакос направи серија од 8-0 по поените на Мекисик и Папаниколау, Барселона се доближи на еден посед, но грчкиот тим не дозволи пресврт. Двете екипи шутирааа катастрофално, особено за тројка, Барселона имаше 4/26, а Олимпијакос 6/23, но на крајот тоа повеќе му одговараше на грчкиот тим.
Во полуфиналето, Олимпијакос ќе игра со Реал што ќе биде реприза на финалето од минатата година. Втората двојка ја сочинуваат Панатинаикос и Фенербахче.