Со ретко видена доминација, МЗТ Скопје стигна до десеттата шампионска титула, претрпувајќи само два пораза на вкупно 29 натпревари во домашното првенство.
Интересно е тоа што двата пораза се претрпени од иста екипа – Гостивар кој единствен од македонските клубови славеше во „Јане Сандански“, а потоа на домашен терен покажа дека тоа не било случајност. Во второто коло, во Аеродром, гостиварци триумфираа со 80-79, а сезоната ја почнаа со шест победи во низа, најавувајќи дека се подготвени да одат далеку во годинашниот плејоф. Во ревашот, на 25 јануари, екипата на Љупчо Малинков беше уште поубедлива и пред своите навивачи го победи МЗТ Скопје со 88-69 со што му го нанесе највисокиот пораз на овој тим во последните 13 години, односно од почетокот на неговата доминација во македонската кошарка.
Гостивар долго време беше најдобар тим на домашен терен оваа сезона, од 13 натпревари пред своите навивачи, оствари 12 победи, но потклекна во најважниот момент, во „мајсторката“ од четвртфиналето против Работнички. Евентуална победа на тој меч ќе го однесеше повторно на мегдан со МЗТ Скопје.