Кошаркарскиот клуб Партизан побара судиска експертиза на првиот натпревар од финалната серија во АБА лигата, а резултатите од анализата покажале дека не биле бадијала негодувањата од „црно-белиот“ табор.
Судиската комисија на АБА, во која член е и Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ, го означила судењето како „под потребните стандарди“, а Саша Пукл, Миливоје Јовчиќ и Лука Кардум направиле десет грешки. Дури осум од нив се на штета на Партизан, а две против Црвена Звезда. Со оглед на рејтингот што го имаат тројцата арбитри, ваквиот нивен настап е разочарувачки за сите во АБА.
Првиот натпревар од финалната серија заврши со победа на Црвена Звезда со 85-82, а од анализата е заклучено дека „црно-белите“ се оштетени за повеќе поени од противникот што можело да донесе сосема поинаков конечен исход.


