Црвена Звезда можеби игра катастрофално во Евролигата и беше трет најслаб тим во елитното натпреварување последната сезона, но затоа против Партизан едноставно гази.
Во моментов, актуелниот српски шампион е во серија од пет победи во дуелите со својот најлут ривал, сите остварени во 2024 година. Почна со триумфот во Евролигата на 4 јануари (88-72), продолжи во АБА, па во Купот на Србија, а кулиминира со двете победи во плејофот од АБА, на натпреварите одиграни оваа недела. Сето тоа доаѓа во ситуација кога Партизан има исклучително силен, скап и квалитетен состав, а на клупата е најтрофејниот европски стручњак Жељко Обрадовиќ.
Сепак, мора да се истакне дека на четири од овие пет натпревари, Звезда беше домаќин и имаше огромна поддршка од своите навивачи. Единствениот меч на кој не беше во улога на организатор, беше финалето од Купот на Србија, одигран во Ниш во февруари.
Партизан ќе има можност да ја прекине оваа лоша серија в недела кога во белградската Арена ќе ја пречека Црвена Звезда, веројатно пред околу 20 илјади свои навивачи.


