Најголемата грчка кошаркарска ѕвезда Јанис Адетокунбо заигра за репрезентацијата првпат по септември 2022 година и потврди дека ќе биде огромно засилување во борбата за пласман на Олимписките игри.
Грција ги победи Бахами во рамки на Акрополис купот со 102-75 што беше генерална проба пред олимписките квалификации кои почнуваат на 2 јули. Нашиот јужен сосед ќе биде домаќин на еден од турнирите кој ќе се одржи во Пиреја, а на кој, меѓу другите, ќе учествуваат и Словенија и Хрватска.
Адетокунбо имаше проблеми со повреда пред крајот на основниот дел од сезоната и во плејофот од НБА, па до почетокот на овој месец беше неизвесен неговиот настап во квалификациите. Пред два дена против Црна Гора не играше, но затоа денеска за 15 минути на теренот постигна 14 поени со шут од игра 5/6, плус 5 скока и 1 асистенција.
Најефикасен кај Грците беше Митоглу со 18 поени, а двоцифрени беа уште Папаниколау со 14 и Папајанис со 11 поени. Бахами на овој меч беа значително ослабени, без четири од вкупно пет НБА ѕвезди (Ејтон, Гордон, Џоунс и Мобли), па се истакнаа Стор со 14 Еџкомб со 13 поени.


