Поранешниот НБА кошаркар Гилберт Аренас очигледно не е голем фан на Никола Јокиќ бидејќи не пропушта можност да го искритикува српскиот центар.
На денот кога беше најавено дека Јокиќ по трет пат во кариерата ќе биде избран за МВП, Аренас изрази чудење и посочи дека не гледа ништо спектакуларно во бројките и статистиката на играчот на Денвер.
„Статистички, Јокиќ е најлош МВП во последните 40 години. Кога зборувате за најкорисниот играч, оние кои ја добивале таа награда, нивните тимови биле први или втори во лигата. Кога Мајкл Џордан беше МВП, Чикаго го освои седмото место, ама тој имаше просек од 35 поени, 6 скока, 5 асистенции и 3 украдени топки. Беше лидер по бројот на поени и украдени топки и беше најдобар дефанзивец во лигата, историска година и тоа има смисла. Кога Расел Вестбрук освои, Оклахома беше десетта, ама тој имаше трипл дабл просек. Направи нешто неверојатно, нешто што не му успеало на никого од Оскар Робертсон.
Кога Јокиќ беше избран за МВП во 2021 година, Денвер имаше петти биланс во лигата, а тој постигнуваше по 26 поени, 10 скока и 8 асистенции. Што има тука историско? Центар кој за малку забележувал трипл дабл просек? За малку, значи не успеал, туку бил блиску. Втората МВП титула беше кога Денвер беше десетти во лигата со просек од 27 поени, 13 скока и 8 асистенции. Што е историски во тоа?“, анализира Аренас.
И оваа сезона Денвер не е најдобар тим во лигата бидејќи Бостон веќе го обезбеди првото место по завршувањето на основниот дел од сезоната. Јокиќ повторно е блиску до трипл дабл просек, постигнува по 26,4 поени, 12,3 скока и 9 асистенции, но не е прв во ниедна статистичка категорија.

