По девет победи во низа, Денвер Нагетс доживеа дебакл на домашен терен од Лос Анџелес Лејкерс и се врати на третата позиција на табелата во Западната конференција, со можност да падне и на четвртото место.
Никола Јокиќ го оствари 26. трипл дабл во сезоната иако беше исклучително „тенок“ и на граница. И тој самиот е свесен дека не одиграл на ниво и не само тој, туку целиот тим кој од почетокот на февруари изгледаше како оној што во 2023 година ја освои шампионската титула во НБА.
„Имавме девет победи во низа против екипи кои не беа толку добри, кои имаа многу повредени кошаркари и кои не се високо пласирани на табелата. Можеби се излажавме себеси дека сме добри“, изјави Јокиќ по дебаклот од Лејкерс.
Неговата констатација е издржана ако се знае дека Денвер во текот на серијата победуваше екипи како Портланд, Њу Орлеанс, Шарлот, Феникс, Јута итн., сите надвор од зоната која води во плејоф или плејин.


