Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за претстојните дуели против Литванија со која ќе се сретне на домашен терен в четврток и на гости в недела.
Ноемврискиот „прозорец“ го очекуваме со биланс 1/1, но и со многу проблеми околу играчкиот кадар со оглед на тоа што во однос на февруарските натпревари, не можеме да сметаме на најдобрите кошаркари во тимот кои имаат евролигашки натпревари оваа недела. Со драстично ослабен состав, репрезентацијата ќе се обиде да направи подвиг, но и селекторот Александар Јончевски е свесен дека ќе биде многу тешко.
„Ова се најважните два натпревара во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме на барем еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит, јасно е дека се работи за една од највалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европското првенство.
Во моментов не можеме да се пофалиме со настапите на нашите репрезентативци, располагаме со кошаркари кои настапуваат во домашното првенство и во регионалната АБА 2, но и таму не забележаа поголем успех оваа сезона. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа.
Притисокот е на страната на Литванците бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од Естонија. Поради тоа, картите им е отворено и ќе одат со сите сили да победат на двата меча против нас затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните европски првенства“, рече Јончевски.
Денеска репрезентацијата (ќе) тренира само еднаш, утре ќе одржи два тренинга, а во среда и четврток по еден. Првиот меч против Литванија се игра в четврток од 18 часот.


