Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски запиша уште една голема победа во косовското првенство.
Неговиот тим Башкими го победи најтрофејниот тим од Косово, Приштина со 87-78 и остана во игра дури и за петтото место на табелата во првенството. Приштина има 14 титули и 15 Купа на Косово, а претходните години беше редовен учесник во групната фаза од натпреварувањата на ФИБА. Јончевски беше пред победа и на претходниот дуел со овој тим, пред крајот на јануари, но неговиот тим прими кош на неколку секунди пред последниот звук на сирената и доживеа минимален пораз.
Прво име на синоќешниот натпревар беше македонскиот репрезентативец Лејсон Зеќири кој постигна 26 поени и 9 скока за индекс 29, убедливо највисок од сите кои се појавија на теренот. Тој беше одличен и на претходниот натпревар од косовското првенство, градското дерби со Призрени на кое имаше ефект од 26 поени, 8 скока и 4 асистенции.
Башкими со оваа победа, трета победа, го обезбеди пласманот во плејофот, но до крајот ќе се обиде да дојде до петтото место на кое е Велазними со кого има ист биланс (11/15).


